Камерниот оркестар „Солисти на ФМУ“ вечер во рамки на 40. Денови на македонска музика ќе одржи концерт по повод 80-годишнината од раѓањето на Благој Цанев, во салата „Империјал“ на Македонската опера и балет. Солист на вечерта ќе биде пијанистот Дино Имери, а концертот ќе го води диригентот Борјан Цанев.
На програмата на концертот е избор од опусот на композиторот Цанев создаден во различни творечки периоди: „Ленто“ за гудачки оркестар, „Суита интермеца“ за пијано, фолклорна суита „Овчеполска“ за гудачки оркестар, Три пиеси за пијано, „Пасакаља и Пајдушка“ за гудачки оркестар и Концертот за пијано и гудачки оркестар.
Благој Цанев (8 авуст 1937) е истакнат претставник на македонската композиторска школа, добитник на бројни награди и признанија, автор со голем и разновиден творечки опус, изведуван во Македонија и надвор од границите.
Тој е прв дипломец на Факултетот за музичка уметност во Скопје (оддел за музичка теорија и педагогија), а потоа студент по композиција во класата на проф. академик Властимир Николовски. По дипломирањето целосно ѝ се посветил на педагошката дејност работејќи во Нижото и Средното музичко училиште во Скопје, а потоа и како долгогодишен професор на Факултетот за музичка уметност.
Покрај тоа, бил и предавач на голем број стручни семинари и музички манифестации во земјава и во странство. Цанев е долгогодишен врвен музички педагог, автор на најголемиот број музички учебници во Република Македонија и еден основачите на фестивалот „Златно славејче“.
– Творечкиот опус на композиторот Благој Цанев изминува пат од традиционалните форми и израз, кон развиените музички родови и видови на современиот музички израз. Во него напоредно е вткаен белегот на македонскиот музички фолклор, трансформиран низ повеќе музички постапки. Чистиот и јасен приод и рационалноста во третманот на творечко изведувачката материја е уште една од значајните карактеристики на неговите дела, наведува организаторот во најавата за концертот.