Симфониски концерт „Виолински бравури“ на кој како солист ќе се претстави виолинистката Сихана Бадивуку, ќе се одржи вечерва во Домот на АРМ.
На програмата се виртуозните „Циганка“ и Интродукција и рондо капричиозо од француските музички мајстори Морис Равел и Камиј Сен Санс.
По прв пат во Македонија ќе гостува диригентот Со Аватсуџи од Јапонија, добитник на наградата на Македонската филхармонија на натпреварот за диригенти „Ловро фон Матачиќ“.
Под негова диригентска палка, оркестарот на Македонската филхармонија ќе ја изведе и премиерата на делото „Бескрајно сега“ од македонскиот композитор Илија Пејовски, со што се одбележуваат 70 години од неговото раѓање, како и лирската Симфонија во Це од Жорж Бизе.
Меѓународниот натпревар за млади диригенти „Ловро фон Матачиќ“, отворен за диригенти до 35-годишна возраст, е едно од најпрестижните признанија во регионот.
Особено е значајно што и Македонската филхармонија е вклучена во оваа манифестација, што е сместена на мапата на важните музички настани, со оглед на фактот дека маестро Ловро фон Матачиќ силно влијаел во почетоците на развојот на оваа институција и воопшто на музичкиот живот во земјава. Наградата ја добиле врвни диригенти кои сега градат успешна кариера во светот.