Македонската филхармонија вечер во Домот на АРМ ќе одржи концерт насловен „Виолината на Алина“ на кој како солист ќе се претстави виолинистичката ѕвезда Алина Ибрагимова од Русија, под водство на диригентот Емил Табаков од Бугарија.
Ќе бидат изведени „Волшебното езеро“ од Анатолиј Љадов, Концертот за виолина и оркестар бр.1 од Макс Брух, како и Симфонијата бр.4 „Италијанска“ од Феликс Менделсон.
Алина Ибрагимова (1985) еднакво е успешна во изведбата и на репертоарот од периодот на барокот, како и на делата од современите автори. Таа се смета за еден од идолите во класичната музика на новата генерација виолинисти. Настапува како солист со реномирани оркестри и добитничка е на многу награди. Ибрагимова пред македонската публика ќе го изведе Виолинскиот концерт во g-moll – најизведуваното и најпознатото дело на германскиот композитор Макс Брух (1838-1920), иако тој зад себе оставил голем број други импресивни творби, кои претежно ги обликувал со боите на народните песни за кои особено се интересирал. Но, поради нивната еклектичност, тие не се одржале на сцената. Концертот за виолина и оркестар во g-moll, кој е вброен во стандардите на литературата за виолина, е создаден во 1866 година, а премиерата се одржала под диригентство на композиторот.
Македонската филхармонија ќе ја изведе и симфониската поема „Волшебното езеро“ од рускиот композитор Анатолиј Константинович Љадов (1855-1914), во која авторот покажал исклучителен талент за оркестарски колорит, како и „Италијанска“ симфонија од германскиот композитор, пијанист и диригент Феликс Менделсон (1809-1847), за која самиот кажал дека е неговото највредно дело. Со неа, авторот создал празнична атмосфера што ја доживеал на еден одмор во Италија.
Од Македонската филхармонија го најавија и празничниот симфониски концерт кој ќе се одржи на 17 декември. Ќе биде изведена пригодна програма во духот на новогодишните празници, со пијанистот Евгени Божанов.