Концерт со челистот Николас Алштед – еден од најбараните инструменталисти!

Од:

Овој четврток, во Филхармонија ќе настапи германскиот виолончелист Николас Алштед, еден од најбараните инструменталисти на светската музичка сцена. На програмата е Концертот за виолончело и оркестар од Мјачеслав Вајнберг и „Чудесниот Мандарин“ од Барток, едно од највпечатливите дела во светската историја на музиката. Со оркестарот ќе диригира Ален Бурибајев од Казахстан.

Германскиот виолончелист Николас Алштед е еден од најбараните инструменталисти на светската музичка сцена. Настапува како солист и диригент, а неговиот репертоар е широк и опфаќа дела од сите музички епохи. Свирел со врвни светски оркестари и соработувал со диригенти како Ека Пека Салонен, сер Невил Маринер, Владимир Ашкенази, Густаво Дудамел…

Алштед е исклучителен виолончелист кој има индивидуален и препознатлив начин на изведба, а пред македонската публика ќе се претстави со Концертот за виолончело и оркестар од Вајнберг, антиформалистичко дело кое било затворено во фиоката на композиторот до смртта на Сталин.

-Кај Вајнберг ме привлече музиката, пред се’… Индивидуалноста на неговиот музички јазик. Вајнберг неправедно често е занемарен поради сличноста и блискоста на неговата музика со онаа на Шостакович, но за мене неговото творештво е многу посебно – вели Алштед.

Во последните години, Алштед често работи и настапува како диригент.

-Диригирам најмногу поради реперотарот. Колку и да ми е возбудливо да ги проучувам и свирам дела за виолончело, чувствувам дека пропуштам многу други шанси за проширување на хоризонтите кога се држам цврсто до инструментот. Не сакам да живеам живот на музичар без да имам искуство со проучувањето на делата од симфониската, хорската или камерната музика.

Фасцинантно со диригирањето е што откривам нови работи. Со челото сум отсвирел многу дела и тие се дел од мене. Кога диригирам се среќавам со нови дела. Секогаш сум свесен сум дека понекогаш сум субјективен и дека интепретацијата се развива со искуство и дека е потребно време да научиш од грешките и да видиш како функционираат одредени групи инструменти – вели тој.

Музиката на Мјачеслав Вајнберг, полски композитор кој емиригирал во Русија е едно од најдобро скриените богатства во музиката на 20 век. Често бил во сенка на неговиот близок пријател Дмитри Шостакович, а неговиот опус полека почнал да се открива во доцниот 20 век. Неговата музика е микс од традиционални и современи форми во кои доминира индивидуалниот музички јазик со уникатно чувство колорит.

„Чудесниот Мандарин“ од Бела Барток е фантастичко музичко дело напишано за истиомениот пантомима балет. Станува збор за дело чија прва изведба во Келн во 1926 година била проследена со низа контроверзии и цензура, главно поради „прекршените“ морални кодекси. Делото е прилично неконвенционално – има поинаков призвук од стандардниот, атмосфера на „конкретна џунга“ како што напишал Барток на самата партитура.

Би можело да ве интересира

Директорката на Филхармонија е разрешена затоа што несовесно ракува со државна институција и со државни пари, вели министерката за култура

Горан Наумовски

Вработените во Филхармонија протестираа пред Владата

„Животот е убав“ – концерт на Филхармонијата во Градскиот парк

Ана Ололовска

Оркестарот на Филхармонија на 7. Меѓународен фестивал „Музички Едикт“ во Ниш

Ана Ололовска

Оркестарот на Филхармонија гостува во Ниш

Ана Ололовска

Нов протест на филхармоничарите пред Министерството за култура

Ана Ололовска