Кумановци вечерва со почеток во 20:00 часот пред платото на Центарот за култура ќе уживаат во звуците на класична музика и обработка на модерни мелодии со класичен призвук на концертот на кој ќе настапат реномирани музичари, соопштија денеска надлежните од националната установа.
На концертот ќе настапат Стојан Димов – саксофон, кларинет, Дино Имери – пијано, Маја Поповиќ – пијано и Нинослав Димов – саксофон. Публиката ќе има можност да слушне дела од: F. Mendelssohn, C.Saint-Saens, O. Popovic, H. Mancini, P. Itturralde.
– И овој пат ќе бидат запазени здравствените протоколи, публиката мора да носи маска, ќе се држи физичка дистанца. По продолжениот викенд, понеделнички почнуваме со убава музичка програма, изјави директорот на установата, Сашо Тодоровски.
Центарот претходната недела организираше вечер на танго и изложба на уметничка фотографија, а минатата недела премиерно беше изведена и детската претстава „Приказната за една шума“, прва претстава подготвена од институционален театар од почетокот на кризата со коронавирусот.