По повод Денот на Европа 9 Мај, Секретаријатот за Европски прашања вечерва организира мини концерт на кој ќе настапат БРАС квинтетот на Филхармонијата и Градскиот дувачки оркестар, на плоштадот „Мајка Тереза“ во 20 часот.
На настанот, покрај вицепремиерот за европски прашања и главен преговарач на земјава за членство во ЕУ, Бујар Османи, свое обраќање ќе има и амбасадорката на земјата – претседавач со ЕУ, Хрватска Нивес Тигањ, како и присуство на други дипломатски претставници.
– Деветти мај, денот на победата над фашизмот воедно е и Ден на Европа и Европската Унија, со што претставува и еден од најважните денови, патрон на Секретаријатот за европски прашања. Оваа година, Република Северна Македонија за прв пат го одбележува Денот на Европа како земја – преговарач, т.е. земја за која Европската Унија донесе одлука за почеток на преговорите, стои во соопштението на СЕП.
Со оглед на мерките за ограничена социјализација и собирање во групи, настанот ќе се одржи без публика, но соодветно ќе биде пренесуван на социјалните мрежи и Фејсбук каналите на СЕП.