По успешниот настап во Созопол, Трио Академико ќе се претстави во Бугарија со уште еден концерт, во КИЦ на Република Северна Македонија во Софија. На 7 јуни (вторник) 2022 со почеток од 18.30 часот Златка Митева на флејта, Бранко Павловски на кларинет и Наташа Трбојевиќ на пијано ќе исполнат дела од Ерик Евазен, Ернесто Кавалини, Марјан Јанковки, Луиџи Занинели, Флоран Шмит и Камиј Сен-Санс.
Настанот е дел од Годишната програма на КИЦ на РСМ во Софија и е потпомогнат од Министерството за култура на Република Северна Македонија.
Златка Митева е флејтист од младата генерација, родена 1980 година. По завршувањето на Средното музичко училиште во Штип го продолжува своето образование на Националната Музичка Академија „Панчо Владигеров” во Софија, кај проф. Лидија Ошавкова, каде што дипломира и магистрира во 2005 година како музичар изведувач.
Својот музички профил Златка Митева го усовршува на многубројни семинари и мајсторски класови кај еминенти светски флејтисти како Патрик Гала, Жерард Бургоњ, Андраш Адорјан, Марина Новак, Филип Бернолд, Клаудио Ферани и др. Носителка е на музички награди од државни и меѓународни натпревари по флејта и камерна музика.
Златка Митева има бројни настапи на музички фестивали во земјава и странство; Концерт со Македонската филхармонија, Концерт со Академскиот симфоничен оркестар во Софија, Бугарија, Солист на фестивалот ”Бахови вечери”, Музичкиот фестивал ,,Аполонија,, и Европскиот музички фестивал во Софија и Варна.
Со пијанистката Наташа Трбојевиќ остварува успешни концерти во Касел, Германија, Музеј „Борис Христов“ во Софија, во „MC Gallery“ во Њујорк, фестивалот на народите „ Concertti del Tempietto“ во Рим, Италија, во Загреб, Хрватска, во Истанбул, Турција, на манифестацијата „Петровденски конаци“ во Кочани, Уметничка галерија „Безистен„ во Штип, во Струмица, Тетово, Велес, Охрид и др.
Златка Митева е член на камерниот состав ТРИО АКАДЕМИКО и заедно со овој состав концертира на повеќе фестивали низ Македонија: “св. Софија” во Охрид, Штипско Kултурно Лето, Скопско Лето, Музеј на град Скопје, Интерфокс – Осијек во Хрватска, концерти во Белград и Нови Сад во Р. Србија, на Музичката академија „Франц Лист„ во Печ и Будимшешта, Унгарија.
Таа е член на Академското дувачко Трио и ансамблот за современа музика на сојузот на композиторите на Македонија ,,Контемпора“.
Стипендист на 15 – от фестивал за флејта “Flautissimo” во Рим, Италија.
Добитник е на државната награда “Георги Божиков” и почесен член на Фондацијата “Томислав Зографски”
Во 2017 година, издаде ЦД ( Музика за флејта и пијано од македонски автори ) заедно со пијанистката Наташа Трбојевиќ.
Во моментов, Златка Митева е професор по флејта на Музичката Академија на Државниот универзитет „Гоце Делчев“ во Штип.
Бранко Павловски е македонски кларинетист со богата интернационална кариера и реноме. Во моментов тој е редовен професор на Факултетот за музичка уметност на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Македонија. Павловски докторирал на Факултетот за музичка уметност на Државниот универзитет на Луизијана во Батон Руж, САД, во класата на Роберт Дилутис, каде работел како асистент по кларинет се до 2011 година. Претходно во својата педагошка дејност работел како наставник по кларинет во ДМБУЦ „И. Николовски – Луј“, Скопје.
Павловски прв пат се запознава со кларинетот како инструмент и првите чекори во музичката уметност ги прави со помош на проф. Љупчо Тренчевски во Нижото музичко училиште во Крива Паланка. Средно музичко образование завршил во ДМБУЦ „И. Николовски – Луј“ во Скопје. Дипломирал и магистрирал на УКИМ Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на Проф. Иван Кочаров. Се усовршувал на постдипломски студии на Државната музичка академија во Софија во класата на Петко Радев, на Академијата за музички уметности во Прага во класата на Штјепан Коутњик, Националниот Конзерваториум во Версај во класата на Филип Купер, Националниот Конзерваториум во Авре – Париз во класата на Доминик Видал. Во текот на своето образование Павловски својот музички профил го надоградува учествувајќи на семинари и мајсторски класови кај еминентни кларинетисти како: В. Блејни, Г. Данген, Д. Прескот, А. Хакер, Д. Кембел, М. Увајт, Ј. Пајц, В. Сејфарт, К. Лајстер, Р. Мекдауел, Л. Лудевиг–Вердер, Ч. Буроу, В. Мареш.
Како солист и камерен музичар Павловски настапувал во САД, Франција, Англија, Германија, Чешка, Полска, Унгарија, Италија, Бугарија, Грција, Хрватска, Србија и Македонија. Тој работел во Воениот Оркестар на АРМ, Батон Руж Симфонискиот Оркестар, а истотака соработувал со Акадиана Симфонискиот Оркестар, Опера Луизиана, Прага Моцарт Оркестарот, Ансамблот за Современа Музика на Националнот Конзерваториумот во Версај, Македонската Филхармонија, ФЕИМС Оркестарот, Скопски Солисти, ЛСУ Симфонискиот Оркестар, ЛСУ Дувачкиот Ансамбл и др. Настапувал на повеке фестивали во земјата и странство како што се: ЛСУ Фестивалот за современа музика во Батон Руж, MusiPoeSci во Париз, Интернационалниот музички фестивал во Дартингтон, Интервокс, Охридско лето, Скопско лето, Златна лира, МодоАрс, Есенски музички свечености, Денови на македонската музика, Штипско лето, Манифестацијата по повод денот на словенските просветители ‘Кирил и Методиј‘ во Рим, потоа преку програмите на КИЦ, Музичка Младина на Македонија, и др. Тој бил член на повеќе камерни состави: Скопскиот дувачки квинтет, дувачките квинтети „Арт“ и „Нова“, Трио Академико, ЛСУ Кларинет Квинтетот, ЛСУ Камерениот Ансамбл, Академското дувачкото трио и др. Како промотор на современата музика Павловски има премиерно изведено повеќе нови дела за кларинет.
Павловски е добитник на наградата Златана Лира за врвни уметнички достигнувања, Музичката награда на Луизијана, наградата „26 јули“ од Франк Манинг од Лондон за најдобар студент на Факултетот за музичка уметност во текот на учебната 1997/98 година, и пофалница по повод 50-годишниот јубилеј на УКИМ како признание за постигнат најдобар успех за време на студиите, како и наградата „8 Октомври“ за постигнати значајни резултати од областа на културата и музичката уметност. Истотака, Павловски е лауреат на повеќе државни и меѓународни натпревари по музика и има добиено повеќе награди и признанија меѓу кои се издвојуваат: четири први награди на државните натпревари во Македонија, втора и трета награда на сојузните натпревари во поранешна Југославија, прва награда на МТНА натреварот по камерна музика во Хемонд, САД.
„…Експресивност во секоја нота… На концертот во Париз Павловски покажа дека е прав виртоуз на кларинет… “. „Вечерње Новости“, Париз, 12. Јуни. 2004.
„…Инспиративен концерт во св. Софија…Кларинетот прозвучи со сета своја тонска убавина во сите регистри на инструментот“. „Утрински весник“, Скопје, 17. Октомври. 2013.
„…Нивната интерпретација изнуди аплаузи и овации во Солун…Публиката два пати ги врати на бис Павловски и Потевска…“ Карфица, Солун, 02. декември. 2014.
„…Нивната виртуозна изведба предизвика бурен аплауз кај публиката… Скопско лето “ Вечер, Скопје, 18. јули. 2016.
Наташа Трбојевиќ е родена во Штип. Mузичкото образование го стекнува во Средното музичко училиште во Штип. Своето образование го продолжува на Факултетот за музичка уметност при Универзитет Св. Кирил и Методиј во Скопје магистрирала во класата по пијано на проф. Евушка Трпкова Елезовиќ. Има освоено повеќе награди на натпревари по пијано.
Зема учество на семинари по пијано кај истакнати пијанисти; Тимакин, А. Валдма, Б. Романов, Јокут Михајловиќ, Д. Трбојевиќ и др.
Од 1988 година работи како проф.по пијано во Средното музичко училиште во Штип.
Била член на жири комисија на државни и меѓународни натпревари за пијано и камерна музика.
Од 2007 година работи како уметнички соработник, а од 2016 како доцент на Музичката академија при УГД во Штип.
Настапува како солист, како и со многубројни солисти ,со пијано дуото Трбојевиќ – Настовски.
Со флејтистката Златка Митева остварува успешни концерти во Касел, Германија, Музеј „Борис Христов“ во Софија, во „MC Gallery„ во Њујорк, фестивалот на народите „Concertti del Tempietto„ во Рим, Италија, во Загреб, Хрватска, на манифестацијата „Петровденски конак“ во Кочани, Уметничка галерија „Безистен“ во Штип, во Струмица, Тетово, Велес, Охрид и др.
Наташа Трбојевиќ е член на камерниот состав ТРИО АКАДЕМИКО и заедно со овој состав концертира на повеќе фестивали низ Македонија: “Св. Софија” во Охрид, Штипско Kултурно Лето, Скопско Лето, Музеј на град Скопје, Интервокс – Осијек во Хрватска, концерти во Белград и Нови Сад во Р. Србија, на Музичката академија „Франц Лист„ во Печ и Будимшешта, Унгарија.
Добитник е на државната награда “Георги Божиков” и почесен член на Фондацијата “Томислав Зографски”
2015 год издаде ЦД (Барокна музика за глас, труба и пијано) со. Васко Ристов и Благица Поптомова; Во 2017 година, издаде ЦД (Музика за флејта и пијано од македонски автори) заедно со флејтистката Златка Митева.
Во моментов, Наташа Трбојевиќ е вонреден професор на Музичката Академија на Државниот универзитет „Гоце Делчев“ во Штип.