Студентите од катедрите за етнокореологија и џез на Академијата за музичка уметност при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип утре вечер ќе го одржат годишниот концерт. Универзитетскиот професор на Академијата за музичка уметност, Горанчо Ангелов на денешната прес-конференција истакна дека студентите на овие две катедри имаат можност пред публиката да покажат што научиле во текот на годината.
– На концертот ќе учествуваат студенти од етнокореологија и имаме неколку студенти од џез катедрата кои учат кај мене кавал, исто и тие имаат свој удел во овој концерт. Значи традиционално ќе исполнуваме традиционални напеви и неколку вокални напеви. Тоа е само една капка во морето, еден мал сегмент од нашата богата културна музичка традиција. Убеден сум дека публиката ќе ужива во звуците на кавалот, гајдата, тамабурата и пеењето, вели Ангелов.
Студентите од Академијата за музичка уметност концертот ќе го одржат во концертната сала на академијата со почеток во 20 часот.