Студентите од студиската програма Популарни музички жанрови на Факултетот за музичка уметност-Скопје по повод 50 години постоење на ФМУ вечер ќе одржат концерт во Македонската опера и балет. Овие програми беа воведени во учебната 2012/2013 година со што популарната музика првпат почна да се изучува и на високообразовна институција во Македонија.
На концертот ќе настапат неколку вокално-инструментални состави од студентите од прв циклус студии на ФМУ. Како солисти ќе се претстават студентите по гитара, саксофон, бас гитара, соло-пеење и удирачки инструменти, од класите на професорите Кирил Туфекчиевски, Иван Иванов, Андријана Јаневска, Дамјан Пејчиновски, Влатко Нушев и Нико Ѓорѓиевски, како и студенти по аранжирање од класата на проф. Кире Костов.
Тие ќе изведат познати поп, рок, џез и соул теми од светски познати музичари, како и неколку македонски евергрини и изворни народни песни во придружба на ревискиот оркестар на ФМУ.
– Постигнатите резултати во изминатите пет децении, без никаков сомнеж го издигнуваат Факултетот за музичка уметност – Скопје како најкомпетентна и професионално најсилна музичко-образовна институција во Македонија. Стотиците современи протагонисти на музичкиот живот кај нас, во речиси сите поважни музички, културни и образовни институции и ансамбли, низата истакнати имиња од областа на музичкото творештво, музичкото исполнителство, музикологијата и другите подрачја на музичката култура кои стекнаа меѓународна и светска слава благодарение, меѓу другото, и на знаењата стекнати на Факултетот за музичка уметност сами по себе зборуваат за дострелите на оваа образовна институција, изјави Гордана Јосифова-Неделковска, декан на ФМУ.
Влезот за концертот е слободен со претходна резервација на ФМУ. По повод јубилејната година, ќе има и други активности на студентите и професорите на ФМУ. Вечерашниот ќе биде прв во низата концерти, а централниот настан ќе биде на 6 декември, соопшти ФМУ.