Во рамки на фестивалот „Денови на македонска музика 2013“, вечер во Музејот на Град Скопје концерт ќе одржи словенечкото трио „Арс Музика“.
Со овој концерт се заокружува трилатералниот проект почнат во 2010 година, кога сојузите на композитори на Србија, Словенија и Македонија се договорија да реализираат серија концерти во секоја од трите земји. Се овозможи македонски, словенечки и српски ансамбли да изведуваат музика од трите земји.
Како резултат на оваа соработка во рамки на „Денови на македонска музика 2011“ гостуваше клавирско дуо „ЛП“ (Србија), македонското трио Шепард-Трандафиловски-Гацева гостуваше во Љубљана, во рамки на придружните свечености околу Годишното собрание на Европскиот композиторски форум (2011), Дуото Начевски-Вршкова на Трибината на музичкото творештво во Белград (2011). Како дел од оваа соработка во ноември годинава, на Трибината во Белград ќе настапи квартетот саксофони 4SAXESS од Словенија.
Триото „Арс Музика“ од Словенија е музички ансамбл, редовно присутен на словенечката и европска културна сцена. Триото е формирано во 2004 година од страна на пијанистката Јернеја Гребеншек, виолинистката Мојца Менори Сикур и виолончелистот Мартин Сикур, непосредно по дипломирањето на Факултетот за музичка уметност во Љубљана.
Голем број од концертите на ова трио се снимени од страна на Радио Словенија и Радио Копер. Членовите на „Арс Музика“ се искусни камерни музичари, а нивниот репертоар опфаќа дела од различни стилски периоди. Досега премиерно извеле дела на повеќе словенечки композитори. Во периодот од 2005 до 2007 година, триото се усовршуваше под раководство на реномираниот пијанист Чиа-Чоу од Парнасус Трио на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Грац.