Рускиот пијанист Евгениј Корољов вечерва во Домот на Армијата ќе настапи како солист со Македонската филхармонија.
На концертот насловен „Црн бран“, Корољов ќе го изведе Концертот за пијано и оркестар во c-moll од Волфганг Амадеус Моцарт, а за првпат под дирегентската палка на Јануш Пшибилиски од Полска, ќе биде изведено и делото „City Noir“ од култниот современ американски композитор Џон Адамс. На програмата е и делото „Молитвами…“ од Гоце Коларовски, со кое ќе се одбележат десет години од прераната смрт на овој македонски композитор.
– Секогаш со задоволство доаѓам во Македонија. Јас долго не сум свирел со оркестарот на Македонската филхармонија, но знам дека во моментов е уште подобар од минатото. Затоа се надевам на убава соработка и на одличен концерт, изјави Корољов.
Корољов (1949) е роден во Москва каде што студирал на Московскиот конзерваториум. Живее и работи во Хамбург, а од 1978 година е професор на тамошниот Колеџ за музика. Заедно со својата сопруга, македонската пијанистка Љупка Хаџигеоргиева, го формира дуото „Корољов“, со кое настапува ширум светот и од своето постоење (1976) се здобива со значајни награди.
Покрај делата од периодот на класицизмот и романтизмот, како и делата од современиот репертоар, отсекогаш бил заинтересиран за творештвото на Ј.С.Бах.