Пламенка Трајковска – гудачко трио ќе настапи вечер во 19 часот во кино салата на Центарот за култура Крива Паланка. Програмата на концертот содржи композиции во модерен класичен стил.
Покрај Пламенка Трајковска на концертот ќе настапат и Наташа Диденко на виолина и Љубица Бошкоска на виола.
Пламенка Трајковска својата музичка активност ја заснова на идејата дека класичната музика треба да е широко достапна до општата публика.
Таа настапува на речиси сите сцени и фестивали во Северна Македонија како и на концерти во Грција, Србија, Танзанија, Франција и Хрватска. Во последните години работи на полето на доближување на класичната музика до децата.
Автор и изведувач е на албумите „Апасионато“, „Карневал на животните“ од Камиј Сен Санс во адаптација за виолина и пијано и на повеќе синглови. Неодамна го реализираше проектот Ехо за кој изработи и сними композиции со автентични природни звуци од кањонот Матка.