Во Скопје вчера гостуваше Младинскиот камерен оркестар на Турското културно здружение Турској кој одржа концерт на класична музика, организиран во соработка со претставништвото на Министерството за култура и туризам на Турција во Скопје и Советништвото за култура и информации при Турската амбасада во Македонија.
Младинскиот камерен оркестар на Турској е составен од 24 музичари од седум земји. Покрај концерти во Турција, имал настапи и во Лондон и Њујорк. Концертот во Скопје беше дел од неговата балканска турнеја во чии рамки оркестарот ќе ги посети и Охрид со настап на фестивалот „Охридско лето“, а концерти ќе има и во Црна Гора, Босна и Србија.
На отворањето на концертот во Скопје, советникот за култура и информации при Амбасадата на Турција Хакан Озчелик истакна дека му претставува голема чест и задоволство што се организатори на концертот на Турксој – здружение чија цел, како што рече, е да ја промовира турската култура, како и културна соработка и културната размена меѓу различните народи. Посочи и дека Министерството за култура и туризам на Турција секогаш дава голема поддршка за активностите на здружението Турској.
Во присуство на голем број гости, претставници од дипломатскиот кор и од јавниот живот во Македонија, по повод гостувањето на Турској се обратија и неговиот генерален секретар и амбасадорката на Турција во Македонија, Тулин Еркал Кара.