Денеска со почеток од 19 часот во галеријата на КИЦ на Република Северна Македонија во Софија ќе се одржи концертот „Македонски Брас Квинтет во Софија“ на кој ќе настапат: Драган Младеноски – труба, Александар Златески – труба, Антонио Костевски – хорна, Димче Белчовски – тромбон, Александар Ниниќ – туба.
Составот на Македонски Брас Квинтет ќе изведе дела од: Х. Персел, Ж. Бизе, М. Пенеља, А. Баканов, Ж. Клавеј, Џ. Гејл, М. Кастело, Б. Хауард, С. Вондер, а исто така ќе исполни сплет од македонски музички бисери.
Македонскиот Брас Квинтет е состав оформен во 2017 година како иницијатива за музицирање во најпознатиот формат за камерна музика за лимените инструменти. Во составот членуваат: Aлександар Златески – прва труба (прва труба во Национална Опера и Балет, долгогодишен член на Градскиот Оркестар Скопје и на Биг Бендот на МРТВ), Драган Младеноски – втора труба (прва труба во Филхармонија на Р.М. , долгогодишен член на Биг Бендот на МРТВ како и активен соработникна видни музички имиња како Кирил Џајковски и др.), Антонио Костевски – хорна (прв хорнист на Национална Опера и Балет, поранешен прв хорнист на Софиската Опера, како и постојан соработник на оркестарот ФАМЕС), Димче Белчовски – тромбон (прв тромбон во Филхармонија на Р.М. , доцент на Факултетот за Музичка Уметност-Скопје и професор по тромбон и туба во ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“), Александар Ниниќ – туба (тубист во Филхармонија на Р.С.М., долгогодишен надворешен соработник на Градски Дувачки Оркестар, Национална Опера и Балет)
Во својата кратка, но богата историја, составот бележи повеќе настапи, од кои позначајни се: концертите во Њу Јорк, во 2018-та и 2019-та година, концертот во Истанбул во 2021-ва, серијата концерти во Берово (Музеј на Берово), Кочани (Дом на Културата „Бели Мугри“) и Скопје (Мала Сала на Филхармонија), Штип, Неготино, Куманово итн. Репертоарот на Македонскиот Брас Квинтет се движи низ различни музички жанрови, од самба до филмска музика и од традиционална македонска народна музика до џез. Покрај концертите, квинтетот остварува и едукативни дружења, со цел запознавање и доближување на лимените инструменти до публиката.