На четвртата фестивалска вечер од 39. Денови на македонска музика, во Музејот на Град Скопје вечер ќе настапи ансамблот за современа музика „КонТемпора“ на Сојузот на композиторите на Македонија (СОКОМ).
Ќе бидат изведени четири дела создадени во 2015 година од композиторите Стојан Стојков, Александар Пејовски, Јана Андреевска и Кокан Димушевски, дело на Вања Николовски-Ѓумар од 2013 и на Фатос Лумани од 2003 година.
Ансамблот за современа музика „КонТемпора“ е формиран во 2014 година од СОКОМ со цел да изведува и промовира нови дела од македонски автори, но и на автори од различни делови на светот. Ансамблот има дваесет инструменталисти и, во зависност од репертоарот, настапува во различни инструментални формации.
На вечерашниот концерт ќе учествуваат 11 инструменталисти, под водство на диригентот Иван Еминовиќ.
Премиерниот концерт на „КонТемпора“ беше одржан во септември 2014 година во рамки на Генералното собрание на Европската асоцијација на композитори и сонграјтери (ЕЦСА) во Скопје.