Во рамките на Есенски музички свечености Скопје 2018 вечер во Малата сала на Македонската филхармонија ќе се одржи концерт на Агата Кмак -виолина и Марсин Гузик – пијано од Полска во придружба на Ристо Ѓоревски – кларинет.
На програмата се дела од Јоханес Брамс, Томислав Зографски, Роберт Муцински и Хенрик Виенавски.
Агата Кмак е родена во 1993 година. Почнала да учи виолина во Државното Музичко училиште во Јаворжно во класата на педагогот Маржена Шиновиец. Дипломирала на Музичката академија „Карол Шимановски“ во Катовице во класата на реномираниот виолинист Проф. Шимон Крешовиец. Во јуни 2017 година магистрирала на тема „Творештвото на македонскиот композитор Томислав Зографски“ кај Проф. Шимон Крешовиец. Работи како наставник по виолина во Државното музичко училиште во Јаворжно. Постојан член и концерт мајстор е на Камерниот оркестар „Аркети“ при Културниот центар во Јаворжно.
Марсин Гузик е роден во 1993 година. Започнал да учи пијано во Државното музичко училиште во Сосновјец во класата на педагогот Ева Виличек. Средно музичко образование стекнал во истото училиште во класата по пијано на педагогот Олга Фидос-Цзуба. Дипломирал на Музичката академија „Карол Шимановски“ во Катовице во класата по пијано на проф. д-р Хана Кријак. Maгистерските студии по пијано ги завршил на истата Академија во класата на проф. д-р Пјотр Банасик. Марсин Гузик работи и како соработник по пијано во Државното музичко училиште во Јаворжно.
Ристо Ѓоревски има дипломирано на Факултетот за музичка уметност во Скопје, каде се има и здобиено со магистерска диплома. Во 2018 година ја има завршено пост-дипломската артистичка обука за изведба на кларинет на Универзитетот за музика Фредерик Шопен во Варшава. Член е на Скопскиот дувачки квинтет и на Дуо Кларинети.Тој е почесен член на Фондацијата „Томислав Зографски“. Моментално работи како член на оркестарот на Македонската опера и балет.