Во рамки на 41. Денови на македонска музика (ДММ), вечер на Факултетот за музичка уметност концерт ќе одржи клавирското дуо од ансамблот „Артворк“ – Германија.
Хајди Елзесер и Ненад Лечиќ ќе бидат придружувани од Антоние Весковски на вибрафон.
На програмата се дела од македонските автори Јана Андреевска, Александар Пејовски, Костадин Делиниколов и Томислав Зографски, како и композиции од Георг Куртаг, Петер Етвош и Игор Стравински.
„Артворк“ кој долги години е присутен на германската и европската музичка сцена, на претходните изданија на ДММ веќе настапувал во својот оригинален состав (двајца пијанисти и двајца перкусионисти). Во фокусот на ансамблот е изведбата на нови дела, но и поретко изведувани композиции од 20-тиот век, како и соработка со други инструменталисти. Една од главните мисии на „Артворк“ е создавање разновиден и сликовит концертен репертоар, атрактивен за публиката.