Танцовата група „Пријатели на Израел“ (“HAVERIM SHELL ISRAEL”) од Хрватска, вечер со почеток во 20:30 часот ќе одржи концерт на Платото пред Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија, во рамки на 45. изданиде на „Скопско лето“.
Танцовата група „Haverim Shell Israel“ е основана во 1998 година и оттогаш континуирано работи во рамките на Еврејската заедница во Осиек. Членовите се од различни возрасти, така што и децата и возрасните танцуваат заедно. Низ годините во групата поминале педесетина танчери, а некои кои биле таму од самиот почеток сé уште танцуваат.
Групата го негува израелскиот фолклор, кој вклучува широк спектар на танци – од библиски, преку пустински, хасидски и израелски, создадени со формирањето на државата Израел, па сè до модерните.
-Се танцуваат и сефардски и ашкенази танци. Се играат и сите ора создадени под влијание на други народи, бидејќи Евреите се доселувале во Израел од различни делови на светот и со себе донеле дел од културата на тие народи, зачувувајќи ги нивните изворни обичаи. Значи ги имаме влијанијата на грчките, јеменските, шпанските, курдските, арапските, руските и други танци. Сето ова денес под едно име се нарекува „Израелски фолклор“, наведуваат организаторите.
Танцовата група „Хаверим Шел Израел“ до сега имала настапи во Сомбор, Суботица, Зрењанин, Хвар, Бјелоласица, Опатија, Загреб, Вировитица, Винковци, Вуковар, но секако и во Осиек и сите околни места и во Белишќе, мало гратче во близина на Осиек, кое е основано од еврејско семејство. Групата учествувала и на различни паради на националните малцинства, а во текот на своето постоење има изведувано и неколку целовечерни концерти.
Тие соработуваат со други израелски фолклорни танцови групи во регионот и со нив настапуваат во Прага, Љубљана, Белград, Нови Сад, Сараево, Бања Лука и многу, многу места во Хрватска. Нивес Бајсман е водач на танцовата група.
Бајсман се занимава со израелски танц од 1998 година, кога ја основа танцовата група „Хаверим Шел Израел“ во Еврејската заедница Осиек.