Гудачкото трио „Тринити стрингс“ вечер од 21 часот ќе одржи миниконцерт „Летно интермецо“ во Паркот под светилки во Аеродром (во близина на слаткарницата „Палма“).
Концертот го организира Општина Аеродром во соработка со Здружението на естрадни уметници (ЗЕУМ) со цел граѓаните да се анимираат во летниот период и да се промовира македонската музика.
-Очекуваме многу енергија и позитивна атмосфера од комбинацијата на електронска и дип хаус музика со класични инструменти, како единствена во нашата држава, соопшти Општина Аеродром.
Во триото членуваат виолинистките Ирена Стојановска и Александра Мирсинова и виолончелистката и вокал Марта Куч, кои се вработени во Македонската опера и балет.
– Аеродромци веќе имаа можност да ја слушнат нивната музика. Минатата година, за време на локдаунот, тие настапија во живо на покривот на една од висококатниците на „Џевахир“, соопшти Општината.