Вчера во Даут Пашин Амам се одржа концерт на гитаристот Фабио Барбагало. Настанот го организираше Институтот Данте Алигиери од Скопје во чест на големиот италијанскио поет Данте Алигиери, патрон на Асоцијацијата Данте Алигиери. Институтот е еден од 482 комитети на оваа Асоцијација чија главна цел е промоција на италијанскиот јазик и култура. Настанот го отвори Амбасадорот на Р. Италија во Македонија Карло Ромео, кој зборуваше за клучната улога на Институтот во афирмација на италијанскиот јазик и култура во Македонија. Претседателот на Институтот проф. Ладиславон Цветковски говореше за проектите на Институтот и неговото учество во воведување на италијанскиот како втор јазик во училиштата во Македонија.
Публиката имаше можност да ужива во прекрасните звуци на гитарата на еден од најактивните италијански гитаристи на меѓународен план, Фабио Барбагало. Тој на публиката и’ се претстави со композиции од Паганини, како и од неколку француски, шпански и аргентински композитори. Особено пријатни беа преработките за гитара на сицилијански народни песни со кои Барбагало ја воодушеви публиката.
Дружењето со италијанската култура продолжува вечер со Неделата на италијанскиот филм која се отвора во кино Милениум во 19ч. со филмот Call me by your name во организација на Италијанската амбасада во Скопје.
Фабио Барбагало е еден од најактивните италијанските гитаристи од неговата генерација на меѓународно ниво. Студиите по електорнска музика и музички дисциплини и нова технологија ги завршил на Музичкиот Институт „В. Белини“ во Катанија со највисока оценка. Бил член на жирија на голем број меѓународни натпревари, а има држено концерти, семинари и специјализирани часови masterclasses во дури 24 држави низ светот. Неговите композиции се издадени за СИНФОНИКА во Милано. Основач и уметнички директор на „Соларино Меѓународен фестивал за гитара“.