Концерт на флејтистот Емануел Пају со Македонската филхармонија во МОБ

Од:

Флејтистот Емануел Пају вечерва ќе гостува на симфониски концерт на Македонската филхармонија во Македонската опера и балет.

Пају е првиот флејтист на престижната Берлинска филхармонија, уметник кого го нарекуваат еден од највозбудливите музичари на денешницата. Виртуозот Пају, роден во Швајцарија, растен во Багдад, Париз, Мадрид, Рим, кој се посветува на различни музички жанрови, вклучувајќи ги и барокната музика, современата музика, па и џезот, и зад кого се неколку извонредни изданија за реномираната „ЕМИ Класикс“, за критиката и публиката е „новиот мајстор на флејтата“.

Пред македонската публика на концертот насловен „Волшебната флејта“, Пају ќе се претстави со технички и музички комплексниот Концерт за флејта и оркестар од францускиот композитор Жак Ибер, како и со уште две композиции кои ќе ја доживеат премиерната изведба во Македонија, една од најубавите арии воопшто во оперската литература, аријата на Ленски од операта „Евгениј Онегин“ од Чајковски и Брилијантна фантазија на теми од „Кармен“ од Франсоа Борне, која се базира на познатата опера од Жорж Бизе.

Оркестарот на Македонската филхармонија овој пат ќе настапи под палката на маестро Емил Табаков, еден од најзначајните диригенти на овие простори. Македонската публика на овој концерт ќе има можност да ги слушне и двете свити – романтичната „Пер Гинт“ свита бр.1 од Едвард Григ, со која норвешкиот композитор ќе стекне најголема слава, како и емотивната и пасторална Арлезијанска свита бр. 2 од францускиот композитор Жорж Бизе.

Првиот флејтист на Берлинската филхармонија Емануел Пају, се смета за еден од највозбудливите музичари на денешницата. Роден е во Женева, каде почнал да изучува музика на шестгодишна возраст, а дипломирал во 1990 година со прва награда на Парискиот конзерваториум, по што продолжил да учи со познатите флејтисти Карлос Брунел и Орел Николет.

Емил Табаков се смета за еден од најзначајните диригенти на овие простори. Образованието го завршува на Бугарската државна академија студирајќи контрабас на гудачкиот оддел, паралелно студира и дипломира на одделот за диригирање, а во 1978 година дипломира и на одделот по композиција. Една година пред тоа, Табаков ја освојува првата награда на натпреварот за млади диригенти „Николај Малко“ во Копенхаген и од тогаш неговата кариера рапидно расте. Автор е на бројни концерти за различни инструменти, на дела различни по форма за симфониски оркестар (седум симфонии) и други формации. За неговите творби наградуван е од Сојузот на бугарските композитори, а голем број од овие композиции се веќе ставени на компакт дискови.

Би можело да ве интересира

Директорката на Филхармонија е разрешена затоа што несовесно ракува со државна институција и со државни пари, вели министерката за култура

Горан Наумовски

Вработените во Филхармонија протестираа пред Владата

„Животот е убав“ – концерт на Филхармонијата во Градскиот парк

Ана Ололовска

Оркестарот на Филхармонија на 7. Меѓународен фестивал „Музички Едикт“ во Ниш

Ана Ололовска

Оркестарот на Филхармонија гостува во Ниш

Ана Ололовска

Нов протест на филхармоничарите пред Министерството за култура

Ана Ололовска