Македонската филхармонија вечер ќе одржи концерт во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, под диригентство на Борјан Цанев. Оркестарот ќе настапи со дела од Манчев, Зографски, Росини, Хендл и Моцарт. Солист на концертот ќе биде сопранот Гонца Богоромова.
Директорката на Македонската филхармонија Маја Чанаќевиќ изјави дека во изминатите неколку години се обидуваат што повеќе да се присутни во поголемите градови и културни центри.
– Секое наше гостување е посебен и величествен настан, празник за публиката во Струмица, Кочани, Битола, Прилеп, Кичево. Преку овие концерти се обидуваме да ја доближиме класичната музика дури и до оние кои не се големи љубители на овој жанр, а сепак слушнале нешто за Моцарт, Бах, Вивалди. Се надевам дека и во иднина ќе продолжиме со оваа наша мисија, бидејќи во секој град во нашата држава има прекрасна публика која сака да го слушне и види нашиот единствен национален симфониски оркестар, истакна Чанаќевиќ.