Македонската филхармонија вечер ќе одржи концерт насловен „Минимализам и месечина“, на кој ќе настапи афирмираниот виолинист Владимир Костов под диригентство на Урош Лајовиц од Словенија.
Првпат во Македонија ќе биде изведен првиот Концерт за виолина и оркестар од американскиот композитор Филип Глас, еден од најголемите претставници на музичкиот минимализам и најизведуваниот жив композитор. Концертот за виолина го напишал во 1987 година и го посветил на својот татко и за кусо време тој станал едно од неговите најпопуларни дела за оркестар.
– Македонската филхармонија под палката на маестро Лајовиц, кој се смета за еден од најдобрите диригенти на просторите на поранешна Југославија, со високо реноме и во Европа, ќе изведе уште три ремек-дела: милозвучното и патетично Адаџо за гудачи од американскиот композитор Семјуел Барбер, или неговото најпопуларно дело кое „звучи“ и во многу познати филмски остварувања, како и двете извонредни музички поеми на францускиот композитор Клод Дебиси – „Попладнето на еден фаун“ и „Море“, дела кои се симбол на музичкиот импресионизам, информира Филхармонијата.
Концертот ќе се одржи во објектот на Македонскиот народен театар од 20 часот.