Дуото „Скупи“ кое е составено од флејтистката Јета Старова-Мехмети и виолинистот Ермал Мехмети, утревечер од 18.30 часот во Културно-информативниот центар на Република Макеоднија во Софија ќе изведат концерт насловен „Македонски звуци“.
На програмата се композиции од нивниот втор компакт-диск „Максаундс“ – со обработки на македонски песни и ора.
Дуото „Скупи“ постои од 2006 година и настапува на сцените во Македонија, но имале и концерти во Бугарија, Франција, Италија, Германија, Австрија, САД, Унгарија, Албанија, Црна Гора, Косово, Србија, Романија.
Музичарите го претставија и својот прв албум во Бугарија – во 2012 година во Перник, Ќустендил и Софија. Дуото е носител на признанието „Distinguished musicians“ на Меѓународниот натпревар во Рагуза, Италија, и на статуетка за хумани активности „Мајка Тереза“ во Македонија.