Во Музичкиот центар „Борис Христов” во Софија концерт ќе одржи „Дуо Кировски“ – Маја Шутевска-Кировска на пијано и Љубиша Кировски на виолина и виола.
Пред публиката во Софија ќе се претстават со пет пиеси за пијано и виола од балетот „Ромео и Јулија” од Прокофјев, „Сонатата за виолина и пијано” од Корилјано и две дела специјално напишани за нив -Dancing with my shadow од Илиевска-Бете и „Вечера немаме” од Бужаровски.
Концертот на „Дуо Кировски“ во Софија го организира Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија со поддршка на македонското Министерство за култура.
Камерното дуо Љубиша Кировски (виолина/ виола) и Маја Шутевска – Кировска (пијано) е оформено во 1993 година, од кога има реализирано бројни настапи во Македонија и на меѓународните концертни подиуми.
Нивниот репертоар опфаќа дела од барокот до музика на 20 век, со над 50 сонати за виолина и пијано. Дуото посебно го негува македонското музичко творештво, редовно изведувајќи дела од македонски композитори, од кои голем број дела им се посветени токму ним. Во 1999 го снимија својот прв компакт-диск во живо од фестивалот „Охридско лето“.
Добитници се на наградата „Виртуози“ во категоријата најдобар камерен ансамбл за 2013 година, кога одбележа 20 години постоење.