Битолскиот летен фестивал „БитФест“ продолжува со гостување на камерниот ансамбл „Арс Барока“ од Бугарија чии членови вечер ќе одржат целовечерен концерт во културниот центар „Магаза“ во Битола.
Ансамблот „Арс Барока“ го негува доцниот барокен стил со сите негови специфики во однос на автентичниот звук и динамика. Формиран е во 2006 година и во него членуваат инструменталисти од најрепрезентативни оркестри во Бугарија. Пред битолската публика ансамблот ќе изведе дела од Верачини, Албинони, Бах и Салиери.
Во рамки на осмото издание на битолското културно лето, денеска ќе почне петдневен Креативен арт-фестивал „Биосфера“, на кој ќе бидат организирани креативна работилница за изработка на музички инструменти од природни материјали „Рециклирај – музицирај“, работилница за фотографирање пејзажи во природа и животни, арт-кино проекција на документарни филмови во Зоолошката градина и завршна манифестација со изложба на фотографии и видео арт.
Попладнево во Битола ќе се одржи и едукативен настан „Ризница на вегетаријанските вкусови“ организиран од Здружението на граѓани „Мали херои“ и поддржан од организаторот на битолскиот летен фестивал.
Целта на настанот е да ја зголеми информираноста на граѓаните за последиците од нездравата исхрана, да ја подигне свеста за условите во кои се одгледуваат животните и за начините за внесување позитивна промена преку исхраната, и тоа преку македонски специјалитети.