Оркестарот на Филхармонија вечерва ќе го одржи концертот „Младите доаѓаат“ на кој ќе настапат ученици од државните музички училишта.
На програмата се дела од Хајдн, Пихл, Штамиц, Моцарт, Глук, Сен-Санс и Григ.
Како солисти ќе настапат: Софија Михајловска – пијано (VII одд., класа: проф. м-р Ана Трајановска), Огнен Златанов – контрабас (II година, класа: проф. м-р Благој Маротов), Јосипа Василевска – флејта (I година, класа: проф. Николина Ефтимова Тодоровска), Виктор Рафајловски – пијано (III година, класа: проф. Катерина Фидановска Ќетковиќ), Теодора Пејиќ – соло пеење (II Iгодина, класа: проф. Александра Коцевска), Магдалена Дрмач – виолончело (I година, класа: проф. Александра Јаневска) и Гоце Златев – пијано (I година, класа: проф. Славица Мицевска).
Концертот „Младите доаѓаат“ ќе го води местро Сашо Татрчевски. Тој е роден во Битола каде се здобива со основно и средно музичко образование. Дипломира и магистрира на ФМУ Скопје на катедрите за хорско и оркестарско диригирање а посетува и мајсторски курсеви во Њујорк, Рим, Москва, Берлин, Фиренца, Санкт Петербург и Сартеано. Настапувал со различни ансамбли вклучувајќи ги Македонската филхармонија, Оркестарот на МОБ, Симфонискиот оркестар на ИКО – Рим, Симфонискиот оркестар на Ермитаж од Санкт Петербург, Битолскиот камерен оркестар, Битолската опера, Симфонискиот оркестар на Битолско културно лето, Солисти на ФМУ, Симфонискиот оркестар на ФМУ, ансамблите за современа музика „Алеа“ и „КонТемпора“, Мандолинскиот оркестар при МКЦ и други камерни и симфониски состави.
Во моментов работи како професор на ФМУ по група предмети од областа на диригирањето и диригент на симфонискиот оркестар и мешаниот хор „Драган Шуплевски“, како и уметнички раководител на Женскиот младински хор при МКЦ и професионалниот мешан хор „Про Арс“.
Освен на сцените низ Македонија, вклучувајќи ги и најреномираните манифестации како Охридско лето, Скопско лето, Денови на Македонска музика, Есенски музички свечености и многу други, има настапувано и освоено награди со различни ансамбли во Португалија, Словенија, Велика Британија, Белгија, Грција, Швајцарија, Шпанија, Хрватска, Италија, Србија, Бугарија, Чешка, Турција, Австрија, Романија, Полска и Русија.
Татарчевски е редовен член на неколку жири комисии на интернационални хорски натпревари како и раководител на меѓународниот хорски форум во Струга.