Четворица ученици од тетовското Државно музичко училиште „Тодор Скаловски Тетоец“ се на пат да формираат нова музичка група. Овој квартет веќе втора година по ред одржува концерти во музичкото училиште, изведувајќи познати музички композиции. Во групата Максим Тодоров свири на гитара, Сара Илиевска на виолончело, Ана Илиевска со виолина и Луција Гечевска на флејта.
– Оваа година концертот беше насловен „Градот на ѕвездите“. Стануваше збор за изведба на 13 песни користени во филмови, како филмска музика, изјави Сара Илиевска.
Настапот на групата, чија музика по првиот концерт лани брзо се прошири по социјалните мрежи, предизвика големо внимание кај тетовската публика.
– Ние имаме желба да го постигнеме она што се обидува секој музичар – да настапува пред публика. Сметаме дека музиката е важна, бидејќи како појава таа има моќ. Сакаме да поттикнеме да се развива музиката, таа не спојува, рече Сара.
Четворицата млади музичари настава следат во трета година средно музичко образование во Државно музичко училиште „Тодор Скаловски Тетоец“.