Кларинетистот Бранко Павловски и пијанистката Емилија Потевска-Попивода вечер ќе одржат концерт „Џез импресии“ во Музичкиот центар „Борис Христов” во Софија, во организација на Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија.
– Џез импресии е лајт-мотивот на македонските музички уметници, кои пред публиката во Софија ќе се претстават со дела од Џорџ Гершвин, Леонард Бернштајн, Астор Пјацола и Анте Гргин. Концертот е дел од годишната програма на КИЦ во Софија и е поддржан од Министерството за култура, соопшти Културно-
Двајцата музичари имаат богата интернационална кариера. Павловски дипломирал на ФМУ во Скопје, а се усовршувал на постдипломски студии на Државната музичка академија во Софија, на Академијата за музички уметности во Прага и на наационалните конзерваториуми во Версај и во Вил д’Авреј – Париз.
Докторирал на Факултетот за музичка уметност на Државниот универзитет на Луизијана во Батон Руж, САД, во класата на Роберт Дилутис, каде бил асистент по кларинет до 2011 година. Во моментов тој е вонреден професор на Факултетот за музичка уметност на Универзитетот во Штип.
Емилија Потевска-Попивода за време на студиите учела од реномирани пијано педагози, меѓу кои: Стела Слејанска, Акилес дел Вињ, Вилијам Хауард, Борис Романов, Арбо Валдма, Рита Кинка. Во 2014 година со највисок успех ги завршила докторските студии по пијано, под менторство на проф. Стела Слејанска и проф. Димитрије Бужаровски.
Оваа млада пијанистка ги завршила и студиите на Моцартеум академија во Салцбург, Австрија и на Дартингтон академија во Девон, Англија. Потевска стекнала акредитација за предавање на британската програма за музика откако ги завршила и IGSCE студиите на Универзитетот Кембриџ во Велика Британија.