„Лауреати“ е насловот на вечерашниот, прв концерт на Македонската филхармонија во новата 2018 година. Под диригентство на маестро Даниел Рајскин од Русија, како солист ќе настапи „чудото од дете“, младиот виртуоз на пијаното, Даниел Харитонов…
За македонската публика, рускиот талентиран пијанист Харитонов ќе го изведе популарниот и раскошен Концерт за пијано и оркестар бр. 1 од Франц Лист.
Пијанистот Даниел Харитонов е роден во рускиот град Јужно-Сахалинск. Неговиот талент е препознаен на 15-от Меѓународен натпревар „Чајковски“ во 2015 година кога имал само 16 години и оттогаш неговата кариера рапидно расте, настапувајќи со престижни оркестри и врвни диригенти, соопшти Филхармонијата.
Вечерва на програмата на Македонската филхармонија се и атрактивната увертира „Карневал“ од Антонин Дворжак, како и славната Симфонија бр. 2 од Јан Сибелиус.