Компакт-дискот „Македонисимо“ на Трпчевски и пријателите издаден од британската „Лин рекордс“

Од:

Престижната британска етикета „Лин Рекордс“ (Linn Records), денеска го објави албумот „Македонисимо“ зад кој стојат Симон Трпчески и пријателите.

-Денеска е голем ден, Голема Богородица, но и голем ден и голема победа на македонската музика (песни, ора, корени), длабока историја и уметност. На овој албум на многу уникатен начин се обработува македонската народна музика од страна на македонскиот композитор, прекрасниот Панде Шахов, кој со својот посебен музички јазик ја обои на многу поинаков начин, испреплетувајќи со нашата народна музика различни музички стилови. Освен до Шахов, благодарност и до уникатниот тим Александар Краповски на виолина, Александар Сомов од Бугарија на виолончело; на кларинет, саксофон и на кавал Хидан Мамудов, а зад ударалките е Влатко Нушев, но и на продуцентот Џереми Хејс и инженерот за звук Бен Конелан со кои снимавме во Сафолк во Источна Англија. Јас сум неизмерно среќен што по 3-годишното нижење на сиот тој материјал на концертните сцени ширум светот, еве дојде денот еден носач на звук кој на сите луѓе што го или не го слушнале на концертите во живо, ќе им овозможи тоа да го сторат и да му се навратат кога ќе посакаат, изјави Трпчевски за македонското радио.

Тој вели дека излегувањето на ова це-де под етикетата на „Лин Рекордс“ стартува нивната соработка со оваа престижна британска издавачка куќа.

-Се надевам дека ЦД-то „Македонисимо“ ќе остане во историјата на македонската интерпретативна уметност како еден бисер, токму заради својата посебност, нагласува Трпчески.

Првата рецензија за албумот излезе на страниците на угледниот МЈУЗИК ВЕБ портал, а зборувајќи за концептот „да се понудат камерно музички-аранжмани на македонската традиционална музика“, критичарот Домини Клементс истакнува: „Мора да се каже дека оваа мешавина од раскошни ритмички танци и нежно елоквентни песни функционира исклучително добро во овој амбиент, што секако не е обид да се донесе апсолутната традиционална музика во еден вид автентична ’преродба’, туку повеќе сосема нова визија на целиот музички жанр, исто како што Астор Пјацола го донесе тангото во концертната сала со неговиот ‘tango nuevo’ приод кон традиционалниот вид музика“.

-Целокупниот ефект е повеќе „џез“ отколку „класична“ музика, ако сакате да пронајдете соодветна стилска полица за да го поставите овој диск, но не дозволувајте тоа да ве премисли за да го испробате ако мислите дека не ви се допаѓа џезот. Традиционалните мелодии се појавуваат низ „класична“ музика цело време, од Бах до Копленд и Бернштајн до Малер, па затоа искористете го ова како богат нов извор на извонредно изведени и снимени звуци и видете колкав простор имате дома за да танцувате на овие ритми, вели Клементс за меѓународниот портал „Мјузик Веб“.

Би можело да ве интересира

„Македонисимо“ на Симон Трпчески и пријателите пред софиската публика

Трпчески и пријателите низ Балканот со МАКЕДОНИСИМО

Симон Трпчески настапи со Државниот филхармониски оркестар на Солун

Ана Ололовска

Мини-турнеја на Трпчески заедно со светскиот виолинист Максим Венгеров

Симон Трпчевски со ЦД-то за Шостакович номиниран за Меѓународните награди за класична музика

Симон Трпчески ќе ја отвори новата концертна сезона на Филхармонија