Колекциите од Архивот Бужаровски со слободен достап на Интернет и сопствено списание

Од:

Архивот Бужаровски (BuzAr) од први декември започна со системско објавување на извонредно богатиот дигитализиран материјал на својата веб страница http://buzar.mk. Архивот содржи 12 колекции со македонски и балкански фолклор, меѓу кои колекциите Фирфов, Видоески, Пенушлиски, Брзанов, Бадев и Линин.

Покрај над двете илјади македонски песни, мелограми, приказни, дијалектен говорен материјал, во BuzAr се дигитализирани и над илјада документарни фотографии, а сопствената продукција содржи и голем број снимки од концерти од сериозната музика со македонски изведувачи, документарни филмови и видео од голем број музички и културни настани.

Со оглед на тоа што овој архив во кој системски се дигитализира културното наследство од 2000 година наваму, се одржува исклучиво на ентузијазмот на неговите соработници, и соодветно архивот поседува ограничен Интернет простор, поставувањето на двата терабајти дигитализирани материјали ќе биде спроведувано сукцесивно во подолг временски период.

Во овој момент на страницата е започнато со поставувањето на  колекцијата Фирфов, односно со оригиналните аудио снимки и мелографираниот материјал од основоположникот на македонската етномузикологија Живко Фирфов. Покрај ова, премиерно e поставен и естетичкиот перформанс Музички прашања од Димитрије Бужаровски и првиот број од списанието на архивот, BuzAr Journal, кое е исто така со слободен достап.

Списанието го уредува меѓународен одбор, а во него се поставуваат и архивираните текстови од ИРАМ-овите конференции, како и трудови од млади истражувачи од подрачјето на музикологијата и етномузикологијата. Првиот број на списанието содржи текстови од членовите на уредувачкиот одбор: Џери Хамфрис, Франц Крижнар, Милена Ѓурковиќ-Пантелиќ, Димитрије Бужаровски и Трена Јорданоска.

Уредник на списанието и на сајтот е доц. д-р Трена Јорданоска. Архивот Бужаровски е оформен околу музиколошката и творечката дејност на проф. д-р Димитрије Бужаровски за кој во изминатиот месец Сенатот на Универзитетот во Ниш едногласно донесе одлука да му се додели титулата почесен доктор на Универзитетот во Ниш.

Би можело да ве интересира

Објавена книга посветена на битолскиот уметник Гастон Гамлиел

Проектот „Простор за разговор“ за јакнење на родовата еднаквост на културната сцена во шест градови

Концерт на познатиот „Хрватски гитарски квартет“ во Скопје

Реномирани музичари, книжевници и актери се дел од програмата на „Видик“ – нов фестивал за литература и општа култура

Во Штип Фестивал на уметноста „Ликовна визија“

Шопен под отворено небо со Дино Имери