На македонскиот поет Бранко Цветкоски и на босанскиот Абдулах Сидран денеска им беа врачени наградите „Книжевен жезол“ на 18. Меѓународна поетска манифестација „Празник на липите“, која секоја година ја организира Друштвото на писателите на Македонија под покровителство на Град Скопје.
Наградите на годинашните лауреати им ги врачи претседателот на ДПМ Веле Смилевски, а за творештвото на Цветкоски и на Сидран зборуваа Илија Велев и Соња Стојменска-Елзесер.
Академик Абдулах Сидран е автор на богат поетски опус во кој значајно место имаат стихозбирките „Сараевска збирка“, „Болест од душата“ и „Песни после војната“. Добитник е на повеќе книжевни признанија во Босна и Херцеговина и во светот. Еден е од најзначајните современи филмски сценаристи, а најпознат по сценаријата за филмови „Се сеќаваш ли на Доли Бел“ и „Татко на службен пат“ во режија на Емир Кустурица.
Сидран, кој е прогласен и за почесен поет на Скопје, се заблагодари што во Македонија е видена и препозната неговата поезија.
– Ние се познававме многу подобро пред војните во 1990-тите и повеќе знаевеме едни за други. Тие врски се искинати и е многу важен секој обид да се обноват. Во тоа го гледам и најголемото значење што сум тука и што мојата книга овде најде свој преведувач и свои читатели. Значајно е и што се посветува внимавние на важноста на преведувачката работа. Во ниедна наша држава преведувачите не се соодветно уважени и стиумулирани и нивната работа е секогаш чист ентузијзам, љубов, занес, пријателство, идеја. Тие го жртвуваат своето време и талент за нечиј збор и нечие чувство да му ги пренесат на друг, изјави Сидран.
По сите добри работи што ги направил во филмот, како што рече, филмски сценарија не пишува за да стојат во фиока туку ако се појави сериозен продуцент кој ќе гарантира реализација.
– По војната не ми се појави ниеден, така што во фиока имам три направени сценарија, а немам ни малку волја да ја полнам фиоката со нови. И годините се тука, човек веќе нема сила за крупни работи. А поезијата се пишува самата, јас никогаш тоа не го сметав за работа. Таа самата се пишува, јас сум тука како некој медиум кој тоа технички го бележи, а таа метафизички се случува над нашите глави и ја уловувам…, истакна Сидран кој често престојува во босанскиот град Тешањ за да твори кога, како што рече, му е преголем метежот во Сараево.
Македонскиот лауреат на годинашното „Книжевно жезло“ Бранко Цветкоски е автор на дваесетина книги поезија, критика и есеистика, на педесетина книги преводи и препеви од словенските јазици, а негови одделни книги или избори од поетскиот опус се преведени на 20 јазици.
Тој се присети на зачленувањето во македонската писателска асоцијација во 1984 година и ја прочита песната што тогаш, по тој повод ја напишал и му ја подарил поетот Анте Поповски, кого Цветкоски го нарече еден од корифеите на македонската литература.
– Денес, по три децении регистрирана плодна литературна осаменост, неизмерно сум му благодарен за ирониската и поетска препорака на големиот мудрец Поповски, а на ДПМ и неговото сегашно раководство што во моите поетски есеистички и препејувачки остварувања препозна достоен влог за да го понесам најпрестижното признание на писателскиот еснаф – книжевниот жезол. На врвот на овој жезол ја чувствувам само силата и доблеста на поетскиот јазик и на мајчината македонска реч. По нив вреди и понатаму да се копнее, истакна Цветкоски.
Тој е носител е и на врвни македонски книжевни и државни награди и на осум меѓународни награди за поезија, уметност и култура. Член е на ДПМ, на македонскиот ПЕН-центар, почесен член на Сојузот на бугарските писатели и член и координатор за Македонија на познатата Словенска академија за литература и уметност со седиште во Варна, во која се етаблирани најзначајни литерати и уметници од 13 словенски земји.
Претседателот на Организацискиот одбор на „Празник на липите“ Владимир Мартиновски отворајќи ја манифестацијата рече дека таа годинава станала полнолетна и е задоволен од долгата листа македонски и странски поети кои во изминатите години ја примиле наградата „Книжевно жезло“.
– Таа листа неосетно, но сигурно расте како мирисот на липа во јунска ноќ, додаде Мартиновски.