Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ денеска организира книжевно пладне по повод 80 години од раѓањето на Петре М. Андреевски. На омажот ќе зборуваат академик Влада Урошевиќ и проф. д-р Наташа Аврамовска, а делови од неговото творештво ќе интрепретира актерот Томе Витанов.
Поетот, романсиер, раскажувач и драмски писател Петре М. Андреевски (Слоештица, Демир Хисар, 1934 – Скопје, 2006) со својот богат и разновиден опус се вброи во најзначајните современи македонски писатели.
Негови позначајни дела се: Јазли, И на небо и на земја, Седмиот ден, Дениција, Дални наковални, Неверни години, Пиреј, Скакулци, Вечна куќа, Небеска Тимјанова, Сите лица на смртта, Тунел.
Ги има добиено сите позначајни награди за литература, а неговите дела се преведени на многу јазици. Застапен е во сите антологии на македонската поезија и проза.