Македонскиот писател и поет Стефан Марковски имаше поетски настапи, предавање, читања и претставување на избор од младата македонска поезија во словенечките градови Љубљана и Крањ во склоп на манифестацијата „Прешерново оро“, посветена на големиот словенечки романтичарски поет Франце Прешерн.
Панорамскиот избор поезија на млади македонски автори со наслов „(Ne)par: Dvojezični izbor sveže makedonske literature“ во издание на Македонското културно друштво „Македонија“ од Љубљана, вклучува песни и од четворица современи македонски поети и тој заедно со поетските настапи на Марковски и Аленка Јовановски беше претставен од страна на Намита Субиото, Лара Миховиловиќ и Петра Коршич во културниот центар „Трубарјева хиша литературе“.
Марковски одржа и предавање на Филозофскиот факултет во Љубљана посветено на модерните и постмодерни развојни тенденции во македонскиот театар и филм во втората половина на 20-от и почетокот на 21-от век.
Во рамки на манифестацијата Марковски имаше поетско обраќање и во просториите на Македoнското културно друштво „Св. Кирил и Методиј“ во Крањ.