Издавачката куќа „Готен“ и Независни писатели на Македонија во Арт-кафе „Менада“ организираат Книжевна вечер со писателот и преведувач Душко Новаковиќ, кој е прв гостин на првата резиденцијална програма „Скопје 2013“ за книжевници (автори и преведувачи) од Југоисточна Европа.
Програмата, под мото „Апсолутно модерен“, ја организира „Готен“ под покровителство на мрежата „Традуки“. Авторите-гости на резиденцијалната програма ќе работат на своите дела или преводи, ќе посетуваат културни настани, организации и институции, а преку јавен настан ќе бидат претставени и на скопската сцена.
Покрај Душко Новаковиќ од Србија, кој во Скопје престојува од 1 септември до 1 октомври, гости на првата резиденција ќе бидат и Дарија Жилиќ од Хрватска во октомври и Беким Сејрановиќ од Словенија во ноември.
– Целта на програмата е да им овозможи на авторите од регионот подобро да се запознаат со книжевната, интелектуалната и културната сцена во Скопје и во Македонија и да остварат продлабочени и трајни контакти, кои во перспектива ќе ги направат пријатели и амбасадори на македонската книжевност и култура во регионот и во светот, соопшти „Готен“.
Душко Новаковиќ (1948) е долгогодишен препејувач и преведувач на македонската литература на српскохрватски јазик. Досега превел педесетина наши поети. Автор е на повеќе избори на современата македонска поезија објавувани повеќе од 35 години низ српската и црногорската книжевна периодика. Автор е на големата антологија на современата македонска поезија „Сон над хартијата“, објавена во Црна Гора (ОКФ Цетиње 1999).
Новаковиќ се школувал во Македонија, Црна Гора и во Србија. Студирал југословенска и светска книжевност на Филолошкиот факултет во Белград. Има објавено повеќе од 20 книги поезија, од „Зналец на огледалото“ (1976) до „Забава на столчените“ (2012). Застапен е во многу антологии во земјата и во странство, преведуван на повеќе странски јазици. Добитник е на голем број значајни српски и југословенски награди за литература.