Во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“- Скопје денеска ќе се одржи книжевен портрет на бугарскиот поет Николај Шопов.
За делото на Николај Шопов ќе зборува Санде Стојчевски, а делови од неговата поезија ќе интерпретира актерот Томе Витанов.
Николај Шопов е современ бугарски писател. Дипломирал историја на софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“. Автор е на повеќе поетски книги и застапуван е во антологиите на современата бугарска поезија. Преведуван е во Македонија, Русија, Србија, Молдавија, Албанија и Романија.
Николај Шопов е автор на повеќе истражувања и научни публикации од областа на историјата на културата, културологијата и менаџирањето во духовната сфера.
Добитник е на наградите „Слав Караславов“ и „Македонски книжевен дедал“. Член е на Сојузот на бугарските писатели и претседател на Фондацијата „Републикански институт“.
Шопов е активен учесник во соработката меѓу Сојузот на бугарските писатели и Друштвото на писателите на Македонија.
На бугарски јазик превел книги од Ким Мехмети, Христо Крстевски, Митко Маџунков, Али Алиу, Филип Петровски и Разме Кумбаровски.