Книги и биста на подот во Домот на културата во Ваташа, сведочат за долгогодишната негрижа, а кавадаречкиот градоначалник го посети овој објект и најави средување и ставање во функција, за да продолжи прекинатата традиција.
Во пресрет на 75 годишнината од стрелањето на 12-те ваташки младинци со револуционерни идеи, на 16 јуни, Јанчев најави и уредување и осветлување на Спомен паркот изграден во нивна чест во месноста Моклиште.
Задоволство од подготвеноста на локалната самоуправа Кавадарци да го тргне руглото од горниот дел на Спомен домот, како што го нарекуваат ваташани, изрази и Зоран Пењушков, претседател на оваа урбана месна заедница.
– Доколку се уредат просториите од горниот кат кои сега се во очајна состојба, месната заедница ќе добие своја канцеларија, а ќе може да се понудат и канцеларии под кирија на заинтересирани субјекти. Тоа е од голема важност за сите нас, нагласи Пењушков.