Објавени се две книги од нашиот истакнат поет и академик Ристо Василевски на странски јазици. Во издание на реномираната издавачка куќа „Hiša Poezije“ на словенечки јазик е објавена книгата поезија „Srce kroga“ („Срцето на кругот“), а во издание на српската издавачка куќа „Арка“, новата книга на Василевски „Кључаоница“ („Клучалка“).
Книгата „Срцето на кругот“ на словенечки јазик ја преведе угледниот словенечки поет Иван Добник, кој е автор и на нејзиниот поговор, а објавена е во најрепрезентативната едиција на ИК Hiša Poezije Поетиконови Лири, заедно со поетските избори на Велимир Хлебников, Емили Дикинсон, Сен Џон Перс, П.Б. Шели, В.Б. Јејтс, Чеслав Милош, Џон Ашбери и Константин Кавафи.
Во поговорот поетот Иван Добник истакнува дека поезијата на Ристо Василевски ја следи традицијата на класичната македонска и српска поезија, што е најизразито во збирката „Срцето на кругот“.
– Во исто време е очигледно дека таа традиција поетот со многу нешта ја надградува, придодавајќи ѝ го всушност призвукот на сопствениот поглед кон поезијата, не само според начинот на пишување туку, исто така, и според сфаќањето на животот и животните искушенија, пишува Добник.
Автор на обемниот поговор на книгата „Клучалка“ е истакнатиот српски поет, романописец, есеист и критичар Бошко Томашевиќ. Тој пишува дека Ристо Василевски е поет-философ и дека „Книгата Клучалка со своите мисловни искревања во сферите на филолошкото, сезнајно-теориското, поетското, гносеолошкото и антополошкото претставува една мошне сложена митопоетска структура…“
Книгата „Клучалка“ од Ристо Василевски, според издавачаот, веќе предизвикува големо внимание во српската книжевна јавност.