Kнигата „Габите во Македонија“ од македонскиот писател Санде Стојчевски ќе биде промовирана утре во мултимедијалниот културен центар „Матица ексклузив“.
За делото што го објави Конгресниот центар од Скопје ќе говори проф. д-р Митко Караделев.
– Стојчевски постојано укажува на претпазливоста, на опрезот, на опасноста. И на стравот. Во неразделно единство живеат страста и опасноста, убавината и смртта, мигот и вечноста, светлината и мракот. Една реалност што добива метафички набој со кој авторот, при сиот занес и заборав, смета, мисли, внимава и ја пренесува на нас, вели во рецензијата на книгата академик Матеја Матевски.
Како опитен писател и добар познавач на габите, Санде Стојчевски во книгава полетно ги поврзува во една целина компонентите на корисното и убавото.
Петар Т. Бошковски, пак, во својата рецензија истакнува дека книгата слободно може да се смета за прирачник, и тоа прирачник за вистинска практична примена, бидејќи е лоциран главно на теренот на македонското поднебје, растоварен е од единици што имаат тесно стручна важност, а читлив, разбирлив и пристапен за секого кој ќе насети во себе љубопитство за овие фасцинантни плодови на природата.
Санде Стојчевски, е современ македонски поет, литературен критичар и есеист, роден 1948 година во с. Студена Бара, Куманово. Автор е на голем број поетски и есеистички дела за кои има добиено високи литературни награди во земјава и во странство. Автор е на првиот прирачник за габи кај нас „Ни ден без габи“ и на првата серија за габи „Габите во Македонија“, кои придонесоа за зголемување на интересот за габите и за другите плодови во природата, како и за запознавање и заштита на природните убавини.