Во издание на Здружението за уметност и култура на живеење „Дијалог“ од Скопје деновиве излезе од печат книга од познатиот македонски писател и академик Влада Урошевиќ посветена на генерацијата која ги даде големите литературни имиња: Живко Чинго, Петре М. Андреевски, Богомил Ѓузел и Радован Павловски. Книгата под наслов „Сложувалка од измазнети камења“ е објавена со предговор и коментари на Веле Смилевски, соопштуваат од „Дијалог“.
„Во своето ново дело Влада Урошевиќ прави смел меланж на повеќе видови текстови посветени на неговата дејност во кругот на генерацијата на која тој припаѓа и со децении е главниот афирматор и толкувач на нејзините специфики и вредности. Меѓу кориците на книгата за прв пат во таков обем и со таква изворност се презентира генерацискиот феномен со еден документарен, мемоарски и епистоларен слој низ записи, писма и фотографии со извонредно интересни содржини“, се наведува во соопштението од „Дијалог“.