Новата поетска книга „Црно на бело“ на Лидија Димковска, издание на издавачката куќа „Или-или“, ќе биде промовирана утре (18 февруари четврток), во киното „Фросина“ во МКЦ, со почеток во 20 часот.
За книгата ќе зборуваат промоторите Елизабета Шелева, Оливера Ќорвезироска и Гоце Смилевски, а на публиката ќе ѝ се обрати и авторката низ стихови и со одговори на прашањата за нејзината поетска книга објавена по пауза од седум години.
Стихозбирката „Црно на бело“ е прва книга во новата едиција на „Или-или“ насловена „Поеза“, како логично надоврзување на популарната прозна едиција „ПРОаЗА“, во чии рамки досега излегоа и двата романи на Лидија Димковска, реизданието на „Скриена камера“ и наградуваниот роман „Резервен живот“ (награда за литература на Европската унија и награда „Стале Попов“ на ДПМ).
Фотографијата на корицата е на Клаудија Буксај, а дизајнот на книгата е на Бригада.мк. Излегувањето на книгата е помогнато од Министерството за култура.
„Стихозбирката ’Црно на бело‘ е досега веројатно најзрелото книжевно остварување на Лидија Димковска; длабока и по својот дострел – универзална, а концепциски – заокружена и автентична книга достојна на 21 век, која извонредно му прилега и му парира со својот неслучајно апокалиптичен дух и темно обоен сензибилитет“, напиша промоторката Елизабета Шелева.
„Во најновата стихозбирка на Лидија Димковска стануваме сведоци на еден поетски свет кој нè соочува со реалноста, преку раздробувањето на баналноста на секојдневието и тргнувањето во потрага по смислата на постоењето. Димковска ја изнесува преку својата поезија суштината и кога преку стиховите говори за Јас и за најличното, и кога говори за Другиот и за најуниверзалното“, пишува Гоце Смилевски.
„Ова не е најдобриот поетски глас на Лидија Димковска, ова е најдобриот поетски глас на современата македонска поезија. ’Црно на бело‘ е и аманет, и тестамент, и амајлија,… а најмногу од сѐ е, сепак, и ѓердан и нож за вратот на виновниците и љубовниците“, пишува Оливера Ќорвезироска.
Лидија Димковска (1971, Скопје) завршила општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје, а постдипломски студии по романска книжевност на Филолошкиот факултет во Букурешт, Романија, каде што работела како лектор по македонски јазик и книжевност. Сега живее во Љубљана, Словенија. Преведува романска и словенечка литература на македонски јазик.
Досега ги објавила поетските збирки: „Рожби од Исток“ (заедничка со Борис Чавкоски) 1992, награда „Студентски збор“; „Огнот на буквите“ 1994; „Изгризани нокти“ 1998; „Нобел против Нобел“ 2001, второ издание 2002; „Идеална тежина“, избрана поезија, едиција „130 тома македонска книжевност“ 2008; „пХ неутрална за животот и смртта“ 2009 година.
Нејзините поетски збирки се препеани на англиски, германски, словенечки, романски и полски јазик, а песните ѝ се застапени во светската периодика на повеќе од двасетина јазици. За својата поезија ја добила германската награда „Хуберт Бурда“, романските награди за литература „Поесис“ и „Тудор Аргези“, а била номинирана и за германската награда „Берлински мост“, за американската „Најдобра препеана книга“ и за полската „Европски поет на слободата“.
Ги објавила и романите: „Скриена камера“ 2004, награда „Стале Попов“ на ДПМ, второ издание 2014; „Резервен живот“ 2012, второ издание 2013, трето издание 2015, награда „Стале Попов“ на ДПМ и Награда за книжевност на Европската унија. Нејзините романи се објавени на повеќе светски јазици.
Составувач е на антологијата на најмладата македонска поезија „20.млади.мак.поети.00“, на антологијата на современата словенечка поезија и на антологијата на малцинската и имигрантската книжевност во Словенија „Од јазик на јазик“.