Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска се сретна со светски познатиот кореограф, легендата во рускиот балет, големиот уметник, професор Владимир Викторович Васиљев, водечки танчер во „Бољшој театарот“, како и со уметничкиот директор на „Танц-фест“ Рисима Рисимкин.
Канческа-Милевска изразувајќи задоволство што се сретнала со Васиљев, рече дека тој денеска е во Република Македонија, по повод примањето на големата награда за врвни достигнувања во областа на танцот „Менада“, за која едногласно одлучи Советот на „Танц фест“-Скопје.
– Го информирав господинот Васиљев за сето она што го инвестираме во културата и уметноста во делот на класичниот, на модерниот балет. Сакам да изразам голема благодарност за неговото присуство во Република Македонија, за она што имавме можност да го размениме околу размислувања за поголемо вклучување и соработка во делот на класичниот балет и со голем број руски кореографи кои може заедно со нашите уметници да направат еден напредок во реализација на некои проекти од оваа област, рече Канческа-Милевска.
Таа му се заблагодари на Васиљев за тоа што дава поддршка на културата и уметноста во Македонија. Го информирав, посочи министерката, дека фестивалот „Танц-фест“ навистина направи многу во унапредување на културата и уметноста поточно во делот на модерниот и класичниот балет.
– Министерството за култура континуирано дава финансиска поддршка на овој фестивал и со потпишувањето на Договорот со уметничкиот директор на „Танц-фест“ Рисима Рисимкин со формирањето на Скопје „Танц-фест“, како една невладина организација прва, која професионално егзистира овде и со потпишување на тој договор и оваа година финансираме два проекти на оваа НВО. Ќе продолжиме со оваа интензивна соработка, истакна Каческа-Милевска.