„Авант прес“ ја објави книгата „(Калеидо)скопски шеми“ од Љубомир Грбевски, негова петта книга со која се навраќа на пишувањето песни наменети за тинејџерската публика.
– Воопшто не е лесно во себе да се пронајде логиката на детското и тинејџерското размислување, она што повеќето од нас, се чини, трајно го имаат загубено. Но, авторот не само што успешно се справува со овој предизвик, туку оди и подалеку. Тој не го поставува во преден план сопственото тинејџерско искуство, како што тоа обично го прават авторите во оваа област, туку се идентификува со сегашните тинејџери, вели Ѕвездан Георгиевски во рецензијата за книгата која ќе биде промовирана утре.
Авторот Љубомир Грбевски е новинар и музички критичар, пред сè е познат по написи и рецензии за македонската и светската рок и џез-музика. Покрај новинарската активност, пишува и белетристика, рок-поезија, како и песни и драмски текстови за урбана тинејџерска популација.
Неговата дебитантска книга „Стихови празни и рими безобразни“ имаше две изданија (1991 и 1992), а потоа ги објави и „(Хоро)скопски шеми“, „Бајки тралалајки за „урбани клинци и напредни мајки“ и „Лет со умот, кон папокот на Универзумот“.
Неговата пиеса „Сликата на Доријан Змеј“ е влезена во Антологија на драмски текстови за деца и млади во 2013, а бајката „Мал крал“ – во Антологијата на македонски авторски бајки. Грбевски е автор на либретото на првата македонска рок-опера „Житието на сликарот“ (1981) и на над седумдесетина текстови за рок-композиции.