„Јазикот на светлината“, издание на „Македонија презент“, е насловот на новата, шеста поетска книга на Сузана В. Спасовска, за кој авторката неодамна ja доби и наградата „Антев златник“ на меѓународната поетска манифестација „Антево перо“.
Во рецензијата за стихозбирката, писателот Венко Андоновски истакнува дека се работи за пообемен ракопис со повеќе циклуси, кои покажуваат дека поетесата има повеќе тематско-мотивски опсесии.
-Но, во сите тие мотиви, едно нешто е секогаш исто: проблесокот, зенот, сознанието… Поезијата на Сузана В. Спасовска во оваа стихозбирка, главно посветена на светлината, сепак, ја сведува таа светлина на десетици разни еманации: на цвет, школка, вода, љубов, сонце… На дело е една поетска синтакса на светлината, превод на светлината во навидум неслични на неа нешта, и што е најважно, зад секоја песна се крие најважното својство на секој голем поет: крикот. Тие неми крикови, тие навистина стилски беспрекорни песни од оваа стихозбирка, убеден сум, стануваат мера за нашата современа поезија…, напиша Андоновски во рецензијата.
Сузана В. Спасовска (1972) дипломирала и магистрирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и подготвува докторат од областа на орфизмот и поезијата. Од 1996 ги објавила поетските книги: „И љубов и заговор“, „Смртно писмо“, „Божествена жена“, „Низ темјанот, еден лилјан“, „Пеперутка од пепел“, како и „Смртно писмо“ објавена и како е-книга. Нејзини песни се објавени и во антологиските избори на современата македонска поезија. Работи и како лектор и пишува и објавува книжевно-теориски текстови во периодиката.