„Јазичен триптихон“, најнова книга од Славе Ѓорѓо Димоски

Од:

Во Издание на ПНВ Публикации од Скопје излезе од печат поетската книга „Јазичен триптихон“ од современиот македонски поет Славе Ѓорѓо Димоски.

Ова е негова 11 авторска книга, а претходната „Мерач на зборовите“ беше објавена пред осум години, во 2007 година. Во меѓувреме се појавија два пообемни избори од неговата поезија, целокупната негова поезија под наслов „Поезија/ ткаења“ и 12 книги на други јазици.

Во книгата поместени се пет подолги лирско-епски песни, од кои три го сочинуват „Јазичниот триптихон“ и две делот „Додаток“. Предмет на пеење е јазикот како прапочеток на сè, а посебно поетскиот јазик како највисок израз на човечкиот цивилизациски дух. Во „Додаток“ се појавуваат ликовите на Каин, првиот библиски братоубиец и на Александар, но симнат од историската сцена.

Во „Триптихон“ се поместени и три искажувања од Венко Андоновски, Санде Стојчевски и Наташа Аврамовска. Илустрациите се на академскиот сликар Сергеј Андреевски.

– Славе Ѓорѓо Димоски напишал интересен, експериментален, кристализиран лирско-епски дијамант. Еден вид екстракт на големите лирско-епски дела каква што е и Света песна на Анте Поповски. Од чист лиричар, тој сега се сели во просторите на епско-драмското. Сцената на светот станува негова опсесија, наместо сцената на душата. Има и овде лирски треперења, толку префинети, драгоцени и препознатливи од неговите претходни поетски лепословија. Но, има и еден поширок потег карактеристичен за епско сликарско платно. Компримиран и кристализиран. Сјаен како зовриената плазма на јазикот. Уште едно златно камче во мозаикот на македонската поетска и духовна мапа, пишува Венко Андоновски.

– Низ сублимната едноставност и чистота на поетскиот израз јасно и питко се огласува и ѕуни и древноста и попаднатоста во мигов на историско траење. Поетскиот циклус на Славе Ѓорѓо Димоски на читателите им донесува и уживање во препознавањето на повторливоста која одново се огласува во податноста за нови вообличувања и која мами и заведува со едноставноста и сублимноста на исказот, и воедно, сосем обѕирно, но недвосмислено поставува нови загатки и ја поттикнува натамошната игра на нивни одгатки, пишува Наташа Аврамовска.

– Ете на што е подготвен поет кој ја бара само големата проверката на сопствените можности! Тој решава да избере единствено крупна, најтешка задача, да застане пред најтежок товар, да моделира суптилни искази кои ги полни со избран и редок материјал, да се обиде со лирска преѓа да врзува такви тематски блокови какви што се недефинирливите поими ништо и нешто, и на тој начин да се осведочи во сопственото мајсторство преку најтешки искушенија. Зарем читателот толку често може да биде сведок на таков избор, на таков потфат, на ваков пев?, пишува Санде Стојчевски.

Други поетски книги на Славе Ѓорѓо Димоски се „Гравири“, „Проект“, „Студен порив“, „Последните ракописи“, „Спореден пат“, „Предмети и аргументи“, „Форми на страста“, „Темно место“, „Мерач на зборовите“, „Хаику на разгледници“.

Би можело да ве интересира

Промоција на монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Ололовска

Работилница за книжевен превод „Без фусноти“

Ана Ололовска

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Ана Ололовска

Промоција на романот „Полиглот“ од Игор Станојоски

Ана Ололовска

Избор од поетското творештво на Иван Антоновски објавен во Србија

Ана Ололовска

Промоција на книга од Дијана Петрова во Градската библиотека

Ана Ололовска