Во рамки на Фестивалот за критичка култура „КРИК 04“ денеска ќе се одржи отворена јавна средба во рамки на која ќе се покренат прашања за состојбата, значењето и иднината на критиката во и за современите уметнички практики.
Од организацискиот тим на Фестивалот соопштија дека во рамки на оваа средба, низ јавен разговор, во кој ќе учествуваат сите присутни, а кој ќе биде модериран од Лујо Парежанин, координатор на иницијативата и Хана Сировица, критичарка во „VoxFemina“, ќе учествуваат и многумина клучни актери на нашата сцена кои се застапуваат за враќање и развивање на критичките практики, но јавен дијалог е отворен и за секој кој е заинтересиран. Целта е да се разгледаат состојбите на критиката во регионот, контекстот и можностите за развој на регионална платформа за критика во актуелните рамки на културни политики.
– И покрај хиперпродукцијата на дела во сите медиуми и жанрови во современите уметнички и културни практики, тие се несомнено во криза, особено во регионот, а посебно во Македонија, токму заради отсуството на критичката рефлексија. Причините за тоа се повеќекратни. Но, повеќе од јасно е дека вреднувањето, поставувањето и артикулирањето на уметничката и културната продукција, ја засега нејзината иднина. Отсуството на медиуми кои не се само сервис на содржини, туку вистински креатори на критичко јавно мислење, но и процесите кои се поврзани со културните политики и образовните рамки, како и со генералното отсуство на критичка култура која ќе создава развојни вредносни системи низ кои ќе се артикулираат и развиваат современите уметнички практики се само едни од причините за криза на критиката, се наведува во соопштението.
Оттаму посочуваат дека во рамки на сега веќе тригодишната регионална платформа за развој на критиката во современите општествени практики „Светот околу нас“, која е резултат на партнерската соработка меѓу Контрапункт од Скопје, Курзив – платформа за култура, медиуми и општество од Загреб и Здружението за промоција на културата – „Kulturtreger“, како и „SEEcult.org“, од Белград и „SCCA“ од Љубљана, релизирани се низа програми со цел јакнење на критиката во регионот, обезбедување нејзина видливост и покренување дијалог за трансформативните процеси низ кои критиката минува во регионалниот општествен и културно политички контекст.
– Организирани се бројни едукациски програми, јавни настани, критички колоквиуми во рамки на кои се среќаваат и разговараат критичарите од регионот. Особено важен дел од овој проект е акцентот врз издавачката дејност – објавување на критички појмовник во кој угледни критичари и критичарки тематизираат низа прашања важни за специфичното подрачје на критичарските практики, стои во соопштението.