Македонската филхармонија вечер во Македонската опера и балет ќе го одржи симфонискиот концерт „Повторно Акико“ на кој како солист настапува виолинистката од Јапонија Акико Суванаи.
Суванаи која пред македонската публика гостува втор пат, под диригентство на маестро Борјан Цанев ќе го изведе комплексниот, обемен и виртуозен Концерт за виолина и оркестар во D-dur од Лудвиг ван Бетовен.
Виолинистката е најмладиот победник на престижниот меѓународен натпревар „Чајковски“, добитник е на бројни награди и свири на виолина „Делфин“ изработена од Страдивари, која му припаѓала на рускиот мајстор на виолината Јаша Хајфец.
Македонската филхармонија ќе ја изведе и грандиозната Седма симфонија од Сергеј Прокофјев, која се смета не само за едно од најмоќните дела на рускиот композитор, туку и за една од највредните симфонии воопшто во музичката литература.