Изложени книжевните преводи од програмата на ЕУ „Култура 2007-2013“

Од:

Во ЕУ Инфоцентарот во Скопје од денеска до 29 септември се изложени книги на европски автори кои се преведени на македонски јазик и објавени преку Програмата на ЕУ Култура 2007-2013.

Во седумгодишната програма 14 издавачки куќи од Македонија добија грантови за превод и завршно со 2013-та  преведени и објавени се 203 наслови од литературите на 37 земји во Европа кои членуваат во оваа програма.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и амбасадорот на ЕУ во Македонија Аиво Орав се задоволни од резултатите од програмата во сегментот издаваштво. За одѕивот придонесоа и  инфоденовите што во изминатите години ги организираше  надлежниот оддел во Министерството за култура (Културно-контактна точка) за охрабрување на операторите да побараат грант и како да аплицираат.

– Нашата држава, заедно со Словенија и Хрватска, се нематна како лидер во користењето на средствата за книжевни преводи  од овој европски фонд. Преку оваа програма Република Македонија има обезбедено околу 1 милион евра и се поддржани книжевни преводи на 14 издавачки куќи од земјава, односно 203 дела кои го збогатија фондот на знаења и отворија нови хоризонти за македонските читатели, истакна министерката Канческа-Милевска.

Таа очекува дека интересот од наши издавачи и соработкaта со ЕУ ќе продолжи и во следната програма „Креативна Европа 2014-2020“, која ќе почне од 1 јануари и ќе поддржува книжевни преводи, заштита и промоција на јазикот, културниот идентитет.

Евроамбасадорот Орав соопшти дека покрај саемот на книжевните преводи објавени со европски пари, до 29 септември во ЕУ Инфоцентарот ќе има и литературни читања со писатели и гости од Европа: Мелина Камериќ од Босна и Херцеговина, Ѓерѓ Конрад од Унгарија, Душан Чатер од Словенија,  издавачот од Србија Дејан Илиќ и двајцата добитници на Наградата за современа литература на ЕУ во 2011 година: Ирен Ниг од Лихтенштајн и Родан Галиди од Холандија. Ќе има и панел-дискусии за преводи од класичните јазици, како и специјално литературно читање за деца, а 26 септември ќе биде посветен на Европскиот ден на јазици, кој на овој датум се одбележува од 2001 година.

Орав најави и прв конкурс за млади преведувачи насловен „Вавилон“, кој делегацијата на ЕУ во Скопје го организира со Здружението на преведувачи на Македонија. Ќе биде објавен на 2 декември 2013 кога ќе бидат познати и критериумите за учество.

– Целта на конкурсот е да се охрабрат и промовираат млади преведувачи и да ја поттикнеме совршеноста при преведувањето литерартурни дела на официјалните јазици на Европската унија, рече Орав.

Преку програмата на ЕУ „Култура 2007-2013“ грантови за превод добија издавачките куќи:  „Или-Или“, „Три“, „Магор“, „Темплум“, „Вермилион“, „Профундум“, „Бегемот“, „Блесок“, „Каприкорнус“, „Евро-Балкан“, „Сигмапрес“, „Икона“, „Антолог“ и „Нампрес“.

Покрај за преводи од Европа, оваа програма на ЕУ беше значајна и за промоција на македонската книжевност во земјите на Унијата откако Гоце Смилевски во 2010 година ја доби Европската награда за литература, со што неговиот роман „Сестрата на Сигмунд Фројд“ досега е преведен на 27 јазици.

Би можело да ве интересира

Промоција на монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Ололовска

Работилница за книжевен превод „Без фусноти“

Ана Ололовска

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Ана Ололовска

Промоција на романот „Полиглот“ од Игор Станојоски

Ана Ололовска

Избор од поетското творештво на Иван Антоновски објавен во Србија

Ана Ололовска

Промоција на книга од Дијана Петрова во Градската библиотека

Ана Ололовска