Изложба „Сведоштва за богомилите“ во МАНУ

Од:

Во Македонската академија на науките и уметностите денеска беше отворена изложба „Сведоштва за богомилите“ која е резултат на теренско истражување од 2014 година во селата Богомила, Нежилово, Согле и Бистрица. Во нив било раширено богомилството кое пропагирало идеја за социјална еднаквост, братство и слобода на луѓето. 

Изложбата е дел од активностите на проектот „Богомилското движење и богомилската книжевност“ што се реализира меѓу МАНУ и Бугарската академија на науките (БАН). Целта на проектот е културолошко проследување на богомилството – духовна појава и универзална придобивка во македонската, но и во балканската и европската цивилизација и култура, чии вредности – дуалистичката концепција за антагонизамот помеѓу доброто и злото, влијаеле и врз книжевните дела, филозофијата и народното творештво. 

„Богомилството е нешто најинтересно и најсветло во нашата народна историја“, напишал поетот и револуционер Кочо Рацин, кој прв во Македонија темелно го проучувал богомилството и напишал неколку труда. Тој е автор на првиот историографски и воопшто прозен труд од оваа област во Македонија – „Богомилите“.  Според проф. д-р Вера Стојчевска-Антиќ, богомилството и неговите идеи за социјална правда биле инспирација за социјалната поезија на Рацин. 

–  Револтот на експлоатираните народни маси достигнал до класна поента заснована врз религиозна идеологија. Него го прифатиле обесправените народни маси и добило неверојатни широки размери. Посебно го издигнува високо недвојбениот социјален белег, за што се застапувале отворено и искрено. Нивниот рационализам кон идеалите на христијанската религија, кон Богородица, Исус Христос, светителите, непризнавањето на нивните чуда, литургијата, причесната, црквата, крстот, предизвикувале длабоки размисли кај познати мислители, научници и уметници, рече Стојчевска-Антиќ, учесник во проектот заедно со академик Блаже Ристовски и проф. д-р Маја Ангеловска-Панова. 

На отворањето на изложбата се обрати и проф. д-р Ерика Лазарова, претставник на БАН, која истакна дека идеите на богомилите се  најголемо заедничко наследство на народите на Балканот. 
– Нивното учење е голема етичка сила, духовна револуција што ги застапува идеите за еднаквост, братство и слобода. Преку своите мисли и дела тие покажуваат дека христијанството е љубов кон ближниот. Една нивна едноставна мисла гласи: Ниту еден богомил не легнувал да спие ако соседот му е гладен. Таа искра на просветителство која се родила на Балканот достигнала до Пиринеите на запад и до Урал на исток, рече Лазарова.

На изложбата се претставени сведоштва на жители од истражените села за обичаите на нивните предци и информации за појавата на богомилството пред осум века. Главен проповодник и идеен творец на богомилството бил попот Богомил за кого се претпоставува дека бил образован свештеник со реформаторски тенденции во однос на прашања од религиски и социјален карактер.

Богомилите единствено ја признавале молитвата „Оче наш“, верувајќи дека неа ја наредил Исус, ги отфрлале свештенослужителите, верувале дека во храмовите живеат ѓаволи, а тргнувајќи од идејата дека се што е материјално е творба на сатаната, биле и против почитувањето на иконите кои ги третирале како злато и сребро создадени од човечки раце. 

Најголемиот подем на богомилите бил забележан за време на владеењето на византиската династија Комнени во 80-тите години на 12 век. Повторната појава на богомилството била за време на владеењето ан Стефан Душан (1331-1355) кој во Законикот од 1349 внел одредби за казнување на оние кои биле наклонети кон богомилското движење. Во тој период богомилското дејствување било најизразено во јужна Македонија, во околината на Солун и на Света Гора.

Би можело да ве интересира

МАНУ: Во Македонија постои само една национална академија

ВРЕДИ почна да го реализира планот за албанска Академија, ќе ја финансираат општините со нивни градоначалници

Катерина Ѓуровски

Штрајкуваат вработените во МАНУ, бараат повисоки плати

Горан Наумовски

Влен: Академијата за науки и уметности на Албанците не треба да се гледа како контраст или паралелизам на МАНУ

Муртезани: Не можам да тврдам, но има перцепција дека во МАНУ нема пристат за други етнички заедници

Претседателство на МАНУ: Академијата е отворена за сите што ги исполнуваат критериумите, да не се вовлекува во дневнополитички расправи